Испечати

Го имам твојот број - Софи Кинсела

Автор 
Оцена
(8 оцени)

Тие што ме знаат уште од основањето на sakamknigi.mk знаат дека Кинсела отсекогаш беше (и остана) една од моите најомилени авторки. Ретките се таквите како неа што знаат да ме изнасмеат до солзи и да направат да се почувствувам убаво, дури и кога не ми е до смеење. Може да се каже дека пораснав со нејзините стари книги и серијали, но сега слободно можам да речам дека си најдов нова омилена книга од неа (на исто рамниште со Знаеш ли да чуваш тајна?), а тоа е нејзината фантастична Го имам твојот број.

Ајде малку за книгата...

Попи Вајат никогаш немала поубав период во животот. 

Таа наскоро треба да се омажи за нејзиниот совршен вереник Магнус, но нејзината идилична иднина почнува да се распаѓа за само едно попладне. Прво го губи скапиот веренички прстен, а во моментот на паника што следи, ѝ го крадат мобилниот телефон. Додека избезумено шета во хотелот каде што се случува сето тоа, забележува еден фрлен телефон во корпа за отпадоци. И се разбира дека си го зема! Мора да им остави број во хотелот за да ја контактираат ако ѝ го најдат прстенот.

Попи е лик каков што може да создаде само Кинсела; допадлива, слатка, смешна и шармантно изгубена во вселената. Но другиот главен лик, сопственикот на телефонот, Сем Рокстон, воопшто не е допадлив, симпатичен мекуш како неа и не се согласува таа да го задржи телефонот. Тој сака таа да му го врати мобилниот и не сака Попи да му ги чита пораките и да му душка во приватниот живот. Следат комични пресврти на настаните додека Попи и Сем делат телефон, ѕиркајќи си еден на друг во животите. Попи се подготвува за свадба и ја крие левата рака од Магнус и неговите родители, но набрзо сфаќа дека ја чека најголемото изненадување во животот.

Оваа книга ми беше како една џиновска принцес крофна, ниту можеш да ја лапнеш за една вечер затоа што е преголема, ниту пак ти се остава. Со тешко срце легнав и ја оставив недочитана, а утредента едвај чекав да дојде крај на работното време за да ѝ се навратам. Пораките што си ги разменуваа Попи и Сем ми беа особено слатки и смешни, а ликот на Сем страшно секси и привлечен. Сите знаете колку сакам секси, резервирани мажи во книгите :)

За крај, со огромно задоволство ви соопштувам дека Софи Кинсела отсега е наша авторка за преводи на македонски јазик и веднаш можам да најавам дека до крајот на годината ќе има уште две преведени нејзини книги во издание на Сакам Книги.

Дополнителни информации

  • Издавачка куќа: Сакам Книги
  • Година на издавање: 2018
  • Број на страници: 380
  • Цена на книгата: 420 денари
  • Ја има во: Топер, Три, Арс Ламина, Култура, Тримакс

напишете коментар (Ве молиме пишувајте на кирилица)

Остави коментар како гостин

0
условите.
  • Нема пронајдени коментари
Сакам Книги