Најнови статии

  • Совршената замена од Грир Хенрикс
    Совршената замена од Грир Хенрикс Совршената замена (или оригинал The wife between us) ми го привлече вниманието затоа што веднаш штом излезе од печат почна да се искачува на сите топ листи и не можев да не ја прочитам. Се сеќавам дека беше недела, па…
    Коментирај Повеќе
  • Еленор Олифант е океј - Гејл Ханимен
    Еленор Олифант е океј - Гејл Ханимен Оваа книга годинава беше на едно од првите три места на сите можни позначајни избори, награди, листи на најпродавани книги. Слушнав дека правата за филм веднаш ги лапнала брилијантната Рис Витерспун која очигледно си има зададено цел во изминатите неколку…
    Коментирај Повеќе
  • Го имам твојот број - Софи Кинсела
    Го имам твојот број - Софи Кинсела Тие што ме знаат уште од основањето на sakamknigi.mk знаат дека Кинсела отсекогаш беше (и остана) една од моите најомилени авторки. Ретките се таквите како неа што знаат да ме изнасмеат до солзи и да направат да се почувствувам убаво,…
    Коментирај Повеќе

Еленор Олифант е океј - Гејл Ханимен

Автор 
Оцена
(3 оцени)

Оваа книга годинава беше на едно од првите три места на сите можни позначајни избори, награди, листи на најпродавани книги. Слушнав дека правата за филм веднаш ги лапнала брилијантната Рис Витерспун која очигледно си има зададено цел во изминатите неколку години да направи филмски верзии од сите најголеми книжевни хитови, а веќе ги погледнавме: Големи мали лаги (Big little lies) и Ејми ја нема (Gone girl). Искрено, едвај чекам да видам како ќе изгледа ова дело на големите екрани! Долго се мислев дали воопшто да ја прочитам книгава и покрај сите награди и нездраво добри рејтинзи; искрено, оригиналната корица со некоја матна жена во портокалова блуза ич не ме привлекуваше. Мислев дека е некоја тешка, претенциозна глупост. На крајот, сепак решив да ѝ дадам шанса и кога ја почнав, не можев да ја оставам сè додека не ја дочитав доцна во ноќта.

Запознајте ја Еленор Олифант. Таа е девојка со тајни со кои не може да се соочи цел живот. Таа си има проблем со социјалните вештини и има обичај да го кажува баш тоа што го мисли. Иако не се потенцира во книгата, мислам дека Еленор е некаде на спектарот на аутизмот, можеби со Аспергеров синдром – нејзиното однесување ќе им биде познато на сите што гледаат The big bang theory и го сакаат Шелдон. Таа се убедува себеси дека ништо не недостига во нејзиното внимателно испланирано време каде што викендите се посветени на замрзната пица, вотка и телефонски разговори со Мама. Сево ова значи дека Еленор е станата роб на навиките, а и малку осамена.

Но сè се менува кога Еленор го запознава Рејмонд, пелтечавиот и несреден тип од ИТ во фирмата каде што таа работи. Кога таа и Рејмонд заедно го спасуваат Семи, еден постар човек кој доживува незгода на улица, тројцата стануваа еден вид на пријатели кои меѓусебно се спасуваат од изолацијата во која живеат.

Низ низа горко слатки и траги комични моменти, големото срце на Рејмонд ќе ѝ помогне на Еленор да најде начин да го поправи нејзиното крајно оштетено срце. А ако таа конечно успее да се соочи со тајните што ги крие, можеби ќе успее да најде и пријателство, па можеби дури и љубов.

Можеби на некои луѓе книгава ќе им биде чудна, можеби Еленор ќе им биде чудна и самата ќе речам дека не е за секого, не е за луѓе со малку позатапени емоции, не е за луѓе кои не знаат ништо за аутизмот и луѓето со социјални анксиозности. Треба да имате срце и мека душичка за да се поврзете со незамисливата, а сепак пресимпатична Еленор која просто не може да излезе од дома без да навреди некого, иако не е ни свесна за тоа. Мислам дека тоа всушност е најголемиот трик што го има направено госпоѓата Ханимен со оваа книга, има успеано да направи читателите да се заљубат во лик кој дава сè од себе да биде недопадлив. Тоа не е лесна задача!

Инаку, дејствијата течат одмерено и природно со некое тамамско темпо, а мистеријата за тајните на Еленор што се плете до самиот крај додава една нова димензија на приказната што цело време држи во неизвесност. На крајот, ја читаш последната реченица, воздивнуваш и воодушевено ја лепиш книгата за гради. Кога така се завршува една книга, со целосно исполнета душичка, не можам да не им ја препорачам на сите што ги познавам. Па, луѓе, што чекате? Фаќајте се за Еленор Олифант е океј.

Дополнителни информации

  • Издавачка куќа: Сакам Книги
  • Година на издавање: 2018
  • Број на страници: 320
  • Цена на книгата: 400 денари
  • Ја има во: Топер, Три, Арс Ламина, Култура, Тримакс

напишете коментар (Ве молиме пишувајте на кирилица)

Остави коментар како гостин

0
условите.
  • Нема пронајдени коментари

Авторски Права

Сите права врз содржините на веб страната се задржани од страна на издавачката куќа САКАМ КНИГИ. 



Ниту еден дел од содржините не смее да се презема без писмена согласност на Сакам Книги.

Контактирајте нѐ

Вашето мислење ни е важно!

Можете да ни пишете порака преку нашата контакт страна . Со оглед на големиот број мејлови кои ги добиваме секој ден, се извинуваме ако не успееме да одговориме на сите.


contact@sakamknigi.mk
ivana@sakamknigi.mk

Тука Сме

сакам новости

Пријавете се доколку сакате да добивате новости за попусти и интересни настани!

Follow us on Twitter