Испечати

Совршената замена од Грир Хенрикс

Автор 
Оцена
(6 оцени)

Совршената замена (или оригинал The wife between us) ми го привлече вниманието затоа што веднаш штом излезе од печат почна да се искачува на сите топ листи и не можев да не ја прочитам. Се сеќавам дека беше недела, па си седнав релаксирано попладнето со Киндлот и една кутија чоколатца и додека да се свестам, веќе беше стемнето, бев стигната до пола книга и имав изедено пола од кутијата со чоколади.

Ова ќе го кажам од старт; иако има доста пресврти во неа, не е книга што ќе ве шокира и ќе ве акне од земја, но дефинитивно е книга што не се остава, едноставно влече и те тера да се залажуваш со „Ајде само уште една глава, и ајде само уште една“ сè додека не ја прочиташ цела.

Па ајде малку за дејствието: Ванеса и Ричард биле во брак седум години – сè додека не ја оставил за друга жена, некоја помлада и попосакувана. И таа сега ги поминува деновите пиејќи и навраќајќи се на болни спомени, обидувајќи се да сфати кога работите меѓу нив тргнале во толку лош правец. Но се разбира дека ни таа не е апсолутно невина во сето тоа – таа никогаш не била жената за која ја сметал Ричард. Полека патуваме со неа, се навраќаме во минатото и дознаваме што се случувало во нивниот брак.

Од друга страна, помладата Нели е свршена за човекот од нејзините соништа. Ричард е грижлив, харизматичен и успешен, но најважно од сè, ѝ ја дава безбедноста по која секогаш копнеела. Но како што нивната свадба наближува, таа сè повеќе има чувство дека некој ја следи и набљудува. Се гледа дека и Нели има некоја скриена приказна, но уште не знаеме што е тоа.

Она што беше интересно е тоа дека додека ја читав книгава, буквално ме болеше срце за Ванеса. Секојпат кога ќе се спомнеше Нели и кога Ричард се потресуваше околу неа, чувствував љубомора како да се работи за мој маж и тоа е она што ми покажа колку авторките успешно си ја завршиле работата. Нели ми беше допадлива, а истовремено ме нервираше зошто Ричард ја сака, зошто не е веќе со Ванеса. Ова беше чуден и интересен конфликт на емоции за мене.

Никој не ја знае вистината за тоа што точно се случува во еден брак, дури ни за оние кои од страна личат на среќни бракови. Но Ванеса е сигурна во едно: ќе направи сè што треба за да ја запре свадбата на Ричард пред да биде предоцна. Таа нема да дозволи нејзината совршена замена да му стане нова сопруга.

Ќе запрам тука за да не ви го расипам читањето и се надевам дека ќе ви го задржи вниманието како што ми го задржа мене. Веќе најавија и филм по книгата, па ако стигне до финална фаза, баш би сакала да го изгледам.

Дополнителни информации

  • Издавачка куќа: Сакам Книги
  • Година на издавање: 2018
  • Број на страници: 370
  • Цена на книгата: 440 денари
  • Ја има во: Топер, Три, Арс Ламина, Култура, Тримакс

напишете коментар (Ве молиме пишувајте на кирилица)

Остави коментар како гостин

0
условите.
  • Нема пронајдени коментари
Сакам Книги